Борусија Дортмунд е првиот четврт-финалист од Лигата на шампионите, откако во реваншот примија гол во 96. минута за 2:2 реми со Севилја, предводени од невозможниот Норвежанец Ерлинг Халанд, додека Јувентус со двата гола на Федерико Киеза успеа да ја елиминира предноста од 1:2 на Порто, и сега во продолженијата ќе брка пласман меѓу осумте најдобри во Европа.
На „Сигнал Идуна Парк“, 20-годишниот Халанд уште еднаш покажа зошто сите големи европски клубови го посакуваат во нивните редови, откако по двата гола кои ги даде на Севилја на гости за 3:2 победа, стрелаше двапати и дома за сигурен пласман во четврт-финалето.
Халанд прво во 35. минута доби одлична топка од Марко Ројс за да ги донесе „милионерите“ во водство, за потоа во второто полувреме откако му беше поништен гол поради офсајд, во 54. минута од пенал да зголеми на 2:0. Севилја својот гол исто така го постигна од пенал во 69. минута преку Јусеф Ел Несири, пред во 96. минута Ел Несири да постигне уште еден гол, кој не беше доволен за пресврт.
Во Торино, работите не тргнаа најдобро за Јуве, откако тимот на Сержо Консеисао дојде до 0:1 водство од пенал во првото полувреме, пред во второто младиот Федерико Киеза да постигне два гола за да ја неутрализира оваа предност. Драмата ќе продолжи во двете продолженија од по 15 минути, а можеби и на пенали. „Старата дама“ се виде во четврт-финалето во 91. минута, кога Алваро Мората постигна гол, но тој беше поништен поради офсајд ситуација по ВАР проверката.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/8 ФИНАЛЕ, 2.МЕЧ
Борусија Дортмунд – Севилја 2:2, прв меч 3:2, вкупно 5:4
Јувентус – Порто 2:1, прв меч 1:2, ќе се играат продолженија