Во Атина ќе се одржи воена парада по повод 200 години од востанието за независност на Грција, јавуваат медиумите во регионот.
Според најавите настанот ќе се одржи под силни безбедносни мерки, и со спроведување на здравствените протоколи, без публика поради пандемијата со коронавирусот и карантинот, со ограничен број претставници на медиумите и со високи гости.
На дводневните свечености по повод јубилејот е најавено присуството на претседателот на Кипар Никос Анастасиадис, принцот Чарлс и војвотката Камила, премиерот на Русија Михаил Мишустин и министерката за одбрана на Франција Флоренс Парли.
На парадата ќе и претходат свеченост на Акрополот со подигање на грчкото знаме, свечена литургија во атинскиот храм, како и положување цвеќе на споменикот на Незнајниот јунак пред грчкиот Парламент.
Според медиумите за безбедноста во Атина пред и за време на парадата ангажирани ќе бидат околу 4.000 полицајци, центарот ќе биде целосно затворен и за сообраќај и за граѓани.
Затворени ќе бидат и повеќе метро станици, а на објектите околу Парламентот, според грчките медиуми, ќе бидат поставени снајперисти.