Во последните 24 часа во Србија за коронавирус биле тестирани 11.711 лица, од кои 3.304 биле позитивни, додека 36 лица починале.
Според најновите податоци на Министерството за здравство и Институтот „Батут“, на респиратори се 292 пациенти со тешка форма на Ковид-19.
Епидемиологот и член на кризниот штаб, Предраг Кон, денеска изјави дека вакцинацијата за здравствените работници во Србија треба да биде задолжителна и дека тој ќе го поддржи предлогот.
Тој додаде дека пред десет години не ни сонувал дека во земјата може да се создаде движење против вакцинацијата.
„Премногу внимание им посветуваме на антиваксерите. Нивното влијание во моментот е неверојатно”, рече тој.
Тој додаде дека досега се вакцинирани 32 проценти од граѓаните во Белград.
„Оној што ќе избере да не се вакцинира го избра вирусот и ќе го ‘закачи’ сигурно, само не знае кога. Повторно ќе живееме нормално, само треба да се вакцинираме“, рече Кон.
Овие зборови на епидемиологот следат по веста дека неколкумина активисти против вакцините се уапсени оваа недела во Србија, поради ширење паника.
Српската премиерка, Ана Брнабиќ, изјави дека еден од петте уапсени антиваксери бил вакциниран против коронавирусот, објави денеска „Танјуг“.
„Од петмината антиваксери кои беа приведени, еден беше вакциниран и истовремено ги ширеше најстрашните можни лаги против вакцинацијата. Значи, излезе, вие се заштитивте, но велите дека другите не треба да се вакцинираат”, изјави Брнабиќ додавајќи дека антиваксерите навистина ја загрозуваат националната безбедност, ширејќи паника преку социјалните мрежи.