Вештачките клетки, формирани со комбинирање на компоненти на микоплазма со хемиски синтетизиран геном можат да растат и да се делат на клетки со слична форма и големина, исто како што прават повеќето бактериски клетки.
Биотехнологот Крег Вентер и неговите колеги од институтот во Сан Диего во 2016 година објавија дека создале синтетички „минимални“ клетки. Геномот во секоја клетка содржел само 473 гени за кои се сметало дека се клучни за животот. Овие клетки биле именувани како JCVI-syn3.0 и може да растат и да се делат на агар (хранлива подлога) и да формираат клеточни колонии.
Но, кога повнимателно ги анализирале вештачките клетки, Вентер и неговите колеги забележале дека тие не се делат подеднакво и рамномерно и не создаваат идентични „клетки потомци“ како што прават бактериите што природно се појавуваат. Наместо тоа, тие произвеле потомство со бизарни форми и големини,пишува „Њу сајантис“.
“JCVI-syn3.0 клетките ги исфрлија сите делови од геномот за кои сметаа дека не се важни за раст. Но, нивната идеја за она што е потребно за раст е во корист на создавање на убави колонии кои растат на хранлив медиум, а не создавање клетки што растат и се делат на познат начин“, рече молекуларниот биолог Елизабет Стричалски од Националниот технолошки институт на САД.
Стричалски и нејзините колеги вовеле други гени во синтетичките клетки, а потоа следеле како тие влијаат на растот на клетките. Тие забележале седум гени кои влијаеле на клетките да се поделат на вообичаен начин.
Кога ги додале овие гени на JCVI-syn3.0, забележале дека овие клетки сега имаат вообичаена поделба и раст.
“Минималната клетка има многу гени чии функции се непознати. Иако не знаеме точно што прават, тие се неопходни за да може клетката да живее. Во основа, ова е многу возбудлива област за идно истражување”, смета Стричалски
„Ова истражување е неверојатно важно за да разбереме како функционира животот и кои гени се потребни за функционално управување со клетките“, рече биотехнологот Дру Енди од Универзитетот Стенфорд.
Студијата наречена „Genetic requirements for cell division in a genomically minimal cell“ е објавена во списанието „Cel“l.