Српскиот Институт „Торлак“ денеска потпиша договор за трансфер на технологија со Рускиот фонд за директни инвестиции и со руската фармацевтска компанија „Генериум“.
Договорот е потпишан за процедурите и технологиите неопходни за производство на руската вакцина „спутник В“ во Србија.
„Од овој момент па натаму за ‘Торлак’ се отворени податоци во врска со производството на вакцината ‘спутник В’, што ја изработи најреномираниот руски институт за вирусологија, ‘Гамалеја’“, изјави министерот и претседател на Меѓувладиниот комитет за соработка со Русија, Ненад Поповиќ.
Тој најави дека во април ќе се произведат три серии за валидација на вакцината на Институтот „Торлак“.
„Примероците од оваа серија за валидација ќе бидат испратени за контрола на квалитетот до Институтот ‘Гамалеја’ во Москва. Откако Институтот ќе ја потврди валидноста на примероците, Институтот ‘Торлак’ ќе почне со производство на вакцината. Очекуваме тоа да се случи до 20 мај оваа година“, објасни Поповиќ.
Тој посочи дека Србија со тоа ќе стане првата земја во Европа што ќе ја произведува вакцината „спутник В“.