Климатските промени треба да се приоритет на сите институции како и за целата заедница порача министерот за локална самоуправа Горан Милевски денеска на конференцијата „Да зборуваме за климатските промени“ на тема „Можности за попаметно греење“, во организација на Еко-Свест, ЦНВП Македонија и ДЕМ.
„Апелирам институциите, државни и приватни, како и секој граѓанин директно да се вклучат во можностите за алтернативни решенија. Потребно е подобрување на состојбите со загадување на воздухот поради загревање на домовите на некои локации во земјава, како и идентификување на можните поддржувачи на промената кон почисти и климатски поповолни опции преку интерактивна онлајн работа. Затоа ги охрабрувам сите Општини и граѓани кои имаат идеи и проекти кои се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат, порача Милевски.
Тој појасни дека со поддршка на Министерството за локална самоуправа преку буџетската програма за рамномерен регионален развој, како и со поддршка на швајцарската Влада се реализирани голем број на проекти во 8-те плански региони, кои директно ги подобруваат условите на живеење на граѓаните преку користење на обновливи извори на енергија, поголеми заштеди, заштита на животната средина, како и преку подигнување на јавната свест.
Исто така во три скопски општини: Центар, Карпош и во Кисела Вода се воспоставени три иновативни еко-зони каде што се користат обновливи извори на енергија. Се користи сончевата енергија за напојување на смарт клупите кои имаат сензори за мерење на квалитетот на воздухот и кои што обезбедуваат бесплатен интернет.