Сите лидери и меѓународни партнери да се водат од начелата на инклузивност и правичност при правењето планови за одговор на Ковид-19 и за закрепнување од последиците од пандемијата, со цел да се изгради поправичен и поздрав свет за сите. Ваква порака испрати Светската здравствена организација и нејзините сестрински агенции од системот на Обединетите нации по повод 7 април, Светски ден на здравјето.
Од канцеларијатата на СЗО во Скопје соопштија дека пандемијата со Ковид-19 ги изнела на виделина постоечките разлики меѓу луѓето од аспект на возраста, родот, образованието, вработувањето, пристапот до чиста вода и чист воздух и, секако, пристапот до здравствена и социјална финансиска заштита.
„Премногу често најтешки последици трпеа токму ранливите заедници, кои беа поизложени на болеста и со отежнат пристап до квалитетни здравствени услуги. Како последица од ваквата состојба, овие заедници се под поголем ризик од појава на негативни последици како резултат на мерките што се спроведуваат за запирање на ширењето на пандемијата“, наведуваат од канцеларијата на СЗО во Скопје.
По повод одбележувањето на овој ден, министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека светот повеќе од една година се бори со коронавирусот – новите соеви и новите предизвици кои ги носи оваа голема здравствена криза. Сепак, посочи министерот, оваа година е година на вакцинацијата и изрази надеж дека ќе биде последната во која живееме со мерки, рестрикции и ограничувања.
„Вакцинацијата е единствениот начин да го победиме вирусот, но за жал таа не се одвива со посакуваното темпо никаде во светот. Побарувачката на вакцини е огромна, а капацитетите за производство ограничени. Ние правиме се за да ги зголемиме количините на вакцини во нашата земја. Моја најголема заложба и желба е вакцинацијата да ја завршиме што побрзо. Затоа, се што е во наша надлежност го направивме исклучително брзо и професионално, а подоготвка за вакцинација ја спроведовме навремено и ефикасно. Денес имаме добро поставен и ефективен механизам за вакцинирање кој започна да се спроведува. Искрено верувам дека малата достапност на вакцини во светот наскоро ќе биде минато, а потоа, деноноќно ќе работиме за што пократко време да вакцнираме што поголем број на граѓани. “, изјави Филипче.
Министерот апелира на трпение, разбирање и почитување на мерките додека да се надмине овој период.
Претседателката на Лекарска комора, проф. д-р Калина Гривчева – Старделова порача дека здравјето е основно човеково право, а секоја личност заслужува да живее здрав живот без оглед на возраста, полот, етничката припадност и економската состојба.
„Во периодот што измина се соочивме со многу предизвици во менаџирањето на сите нивоа на здравствениот систем, со дел од нив тековно се справивме, но дел ќе треба да се разгледаат и разрешат во периодот кој следи. Воедно, исплива на површина и потребата за преземање конкретни чекори за воспоставување и овозможување пристап до квалитетни здравствени услуги без соочување со финансиски потешкотии за секој поединец во општеството“, рече Гривчева – Старделова.
Таа нагласи дека од круцијално значење за справување со пандемијата е обезбедувањето на оптимални количини на вакцини за да се постигне масовна имунизација, но и одржливо обезбедување на неопходен здравствен персонал.
По повод 7 Април, специјалната награда од Македонското лекарско друштво, ја доби Македонското здружение на инфектолози за секој поединец инфектолог во првите борбени столбови во пандемијата со Ковид-19.
Проф. д-р Елена Трајковска Докиќ, проф. д-р Сашко Јовев, прим. д-р Гордана Кузмановска и прим. д-р Елизабета Зафировска, пак, се добитници на повелбата „Трифун Пановски”.