Hyundаi на крајот на минатиот месец на кинескиот пазар го лансираше својот бренд за луксузни возила Genesis и по тој повод јужнокорејската компанија направи спектакл на небото и постави нов Гинисов рекорд.
Иако Genesis не е познат кај нас, во Азија е бренд кој им конкурира на гигантите како Mercedes, BMW, Audi, Lexus и сл. На кинескиот пазар беа најавени два модели – G80 и GV 80 SUV, кои наскоро треба да се појават во продажба, а најавено е и отворање на луксузен продажен салон во Шангај.
Токму во Шангај, односно над градот беше направен настан со кој се најави доаѓањето на брендот на кинескиот пазар, а во кој главната улога ја имаа дронови. На небото дроновите го формираат името и логото на брендот, па дури и 3Д прикази на двата модели на автомобили.
Во небесниот спектакл биле искористени 3.300 дронови, со што Hyundai го собори Гинисовиот рекорд по бројот на симултано користени беспилотни летала. Досега рекордот го држеше компанијата Damoda Intelligent Control Technology, која во текот на демонстрација лани во септември искористи малку повеќе од 3.000 дронови.