Пристапот до здравствена заштита и понатаму останува проблематичен за Ромите, што беше дополнително изразено во услови на пандемија, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
„На почетокот на пандемијата, граѓанскиот сектор апелираше за воведување засилени превентивни мерки за заштита од Ковид-19 во населбите каде што живее ромско население, поради ранливата состојба во која многумина немаат пристап до чиста и питка вода и санитетски материјали, како клучни за заштита од коронавирусот. Имајќи предвид дека последиците од пандемијата особено можат да ја погодат ромската заедница, како на социјален, така и на економски план, неопходно е носење посебни мерки за помош и солидарност кои ќе ги адресираат специфичните околности во кои живеат Ромите“, велат од таму.
Покрај стравувањата поврзани со здравствената криза, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права, вкоренетиот расизам кон Ромите се манифестираше во низа други инциденти.
„Полициската бруталност кон припадниците на ромската заедница стана честа практика изминатава година, што говори за постоење на расистички предрасуди кај полициските службеници и непрофесионално и незаконско постапување. Таков беше случајот со постапувањето на полицијата со бездомни лица во Скопје и двата случаи на полициска бруталност во Битола. Расистичко и насилничко однесување беше забележанано и кај други службени лица, како во инцидентот со контролорите на ЈСП и студентот Сирхан Усеин. Расното профилирање беше очигледно и во случајот со групата музичари, кои организирано се враќаа во земјава од Италија на почетокот на пандемијата. Тие беа ставени во карантин во Пепелиште, а по реакциите за лошите услови беа преместени во Демир Капија. Од друга страна, сите останати 200 патници биле упатени да се самоизолираат во своите домови“, се наведува во соопштението по повод Светскиот ден на Ромите.