Русија ги предупреди САД: Избегнувајте го Крим за сопствено добро

пред 4 години

Русија ги предупреди САД, американските воени бродови да го избегнуваат Крим за нивно добро, а другите земји добија предупредување да не ја снабдуваат Украина со оружје.

Два американски воени брода треба да пристигнат во Црното Море неделава во контекст на ескалацијата на конфликтот во источна Украина, каде владините сили се борат против проруските сепаратисти. Во конфликтот досега загинаа 14.000 лица.

Москва го анексираше Крим од Украина во 2014 година.

Западот предупредува дека Русија во последно време трупа воени сили во близина на источната граница со Украина и на Крим. Кремљ на тоа одговара дека има право да ги преместува своите сили како што мисли дека е потребно, особено за одбранбени цели.

Рускиот заменик министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, ги предупреди американските воени бродови во Црното Море да се држат на дистанца, истакнувајќи дека ризикот од инциденти е многу висок, пренесоа руските новински агенции.

„Американските бродови немаат апсолутно ништо да бараат на нашите брегови, тоа е чиста провокација. Провокација во буквална смисла на зборот: тие ја тестираат нашата сила, си играат со нашите нерви. Тоа нема да успее“, рече тој.

„Ги предупредуваме САД дека ќе им биде подобро да се држат далеку од Крим и од нашиот брег на Црното Море. Тоа е за нивно сопствено добро“.

Од Пентагон не сакале да го коментираат испраќањето на бродови, велејќи само дека американската војска рутински испраќа бродови во регионот.

Руската Црноморска флота е со седиште во Крим, каде има моќни ракети и радари. Русија исто така предупреди да не се продава оружје на Киев.

„Ги повикуваме сите одговорни земји со кои комуницираме, а Турција е една од нив, дека силно препорачуваме да ја анализираат ситуацијата и постојаните воинствени изјави на Киев и исто така ги предупредуваме да не ги разгоруваат овие милитаристички аспирации“, изјави рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров во понеделникот.

Турција испорача воени дронови во Киев, за кои беше потпишан договор во 2019 година.

Шест од нив се веќе доставени, пренесуваат медиумите.

Share
Scroll to Top