Фудбалерот на Милан – Златан Ибрахимовиќ денеска е суспендиран на еден меч поради исклучувањето што го заработи на дуелот против Парма во Серија А.
Дисциплинската комисија го казни Швеѓанецот и со 5.000 евра поради „провокативен став и непочитување“ кон главниот судија на мечот, пренесоа италијанските медиуми.
Ибра црвениот картон го доби во 60-тата минута од мечот, а и покрај тоа „Росонерите“ славеа со 3-1 на овој меч.
Милан во следното коло игра на свој терен против Џенова, а 39-годишниот Ибрахимовиќ нема да може да им помогне на соиграчите да останат на втората позиција откако стана јасно дека Интер „со една рака“ го има Скудетото.
„Нероазурите“ имаат високи +11 пред градскиот ривал.
Интересни се информациите на италијанскиот весник „Ил кориере дела сера“ според кои судијата Фабио Мареска нема да биде делегиран за мечевите на Милан одредено време бидејќи судиската организација била незадоволна од неговото „средување“ на ситуацијата со Златан Ибрахимовиќ.