Астон вила постигна гол во 92. минута од мечот за 2:2 реми со соседскиот тим Вест Бромвич Албион, со што надежите на тимот на Сем Алардајс за опстанок во Премиер лигата дојдоа во доменот на теорија.
Во првото полувреме со два пенали, прво Ел-Гази во деветтата минута ги донесе Вила во водство, пред Матеуш Переира во 23. минута да израмни на 1:1. ВБА успеа да стигне до водство во 47. минута со голот на Мбаје Диањ, и кога изгледаше дека „Бегис“ ќе си заминат од „Вила парк“ со цел плен, Кеинан Дејвис во 92. минута израмни на 2:2.
Иако уште официјално не се второлигаши, ВБА остануваат претпоследни со 25 поени, дури 9 зад Брајтон на првото безбедно место во лигата на само пет кола пред крајот на шампионатот. Вила, пак, се на 11. место со 45 поени.