Германската фудбалска федерација (ДФБ) јасно порача дека нема да плати откупна клаузула за да го промовира сегашниот тренер на Баерн Минхен, Ханси Флик нов селектор.
ДФБ и официјално е во потрага за нов селектор откако Јоаким Лев потврди дека ќе се повлече по Европското првенство ова лето, и сите очекувања се дека Флик ќе биде неговата замена, откако тој самиот објави намера да си замине на крајот на сезоната, но тешко е да се верува дека Баерн ќе дозволи тој да замине две години пред крајот на договорот без отштета.
Потпретседателот на ДФБ, Рајнер Кох потврди дека федерацијата не е во позиција да плаќа.
„ДФБ нема да плати никаква отштета бидејќи никогаш претходно не го правела тоа и како непрофитна организација тешко е да се оствари. Ние немаме бесконечна сума на пари и нема да раскинуваме договори. Тоа мора да си го решат во Баерн. Сега, прво ни е потребен добар настап на ЕП да се вратиме на вистински пат, а потоа и добар селектор за иднината“, вели Кох.
Баерн уште не потврдиле дали Флик е заинтересиран за селекторското место, но најавија дека ќе разговараат со него на крајот на сезоната. Од друга страна, денешните шпекулации велат дека Баерн веќе нашле замена за Флик во Јулијан Нагелсман од РБ Лајпциг, кој се смета за еден од најталентираните млади тренери. Но, и за 33-годишниот Нагелсман Баерн би требало да платат отштета, бидејќи тој е под договор до 2023 година.