САД ќе донираат 60 милиони вакцини на „Астразенека“

пред 4 години

САД ќе им дадат на другите земји 60 милиони дози вакцина против Ковид-19 на „Астразенека“, соопшти Белата куќа, критикувана досега поради одбивањето да се извезува вакцината која сè уште не е одобрена во САД.

„САД ќе ослободат 60 милиони дози вакцина на ‘Астразенека’ за другите земји веднаш штом ќе станат достапни“, рече Енди Славит, советник во Белата куќа за борба против коронавирус, во порака на „Твитер“.

Тој ги отфрли критиките дека Вашингтон собира вакцини кои не ги користат.

„Во моментов има многу малку дози на располагање. Никакво време не е изгубено “, рече тој.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Саки, рече дека се уште се планира како ќе се спроведе тоа и вети дека наскоро ќе бидат објавени детали за тоа кој ќе ги добие вакцините.

Пред да бидат испратени вакцините на „Астразенека“ од САД, Американската агенција за храна и лекови (ФДА) мора да потврди дека ги исполнуваат условите за квалитет, додаде таа.

Вашингтон веќе објави договори за испраќање на 2,5 милиони вакцини на „Астразенека“ во Мексико и 1,5 милион во Канада.