Бугарското обвинителство се сомнева дека шестмина Руси организирале четири експлозии во бугарски фабрики за оружје, во периодот од 2011 до 2020 година, изјави денеска портпаролката на бугарскиот главен обвинител, Сијка Милева.
Во тие фабрики, како што се наведува, имало производи што му припаѓаат на бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев, пренесува руската новинска агенција ТАСС. Исто така тројца Руси се обвинети за обид за убиство на овој бизнисмен.
Обвинителството тврди дека за десет години бугарските власти забележале бројни случаи на експлозии во магацините и производствените погони во фабриките за неутрализирање на експлозивни направи, како и за производство на оружје и муниција.
„Сличности се откриени во четири случаи“, рече портпаролката Милева.
Во некои од магацините каде се случиле експлозиите наводно имало оружје за Грузија и Украина.
„Врз основа на податоците од истрагата, може да се направи основана претпоставка за поврзаност помеѓу експлозиите во Бугарија, обидот за труење на тројца бугарски државјани и експлозиите во други земји“, нагласи портпаролката.
Според неа, утврдено е дека шест руски државјани биле на територијата на Бугарија во денови близу датумот на експлозиите и обидот за убиство на Емилијан Гебрев… Се собираат докази дека руски државјани извршиле сериозно кривично дело“ додаде таа.
Бугарското обвинителство смета дека обидот за убиство на Гебрев бил извршен во периодот од 28 април до 4 мај 2015 година.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, претходно забележа дека станува збор за слаба и нејасна база на докази на истрагата и ги опиша обвинувањата на Софија како уште седен елемент на антируска кампања, зад кој можеби стојат претставници на политичкиот естаблишмент во земјата.