Додека Кина чека одобрување од СЗО, Филипините ги враќаат кинеските вакцини

пред 4 години

Претседателот на Филипините, Родриго Дутерте, во понеделникот беше вакциниран пред камерите со првата доза на кинеската вакцина, што требаше да ги охрабри неговите сограѓани да го следат неговиот пример и да се вакцинираат против Ковид-19.

Наместо тоа, тој доби остри критики. Филипинците не го критикуваа Дутерте заради вакцинирањето, туку заради изборот на вакцини кои сè уште не биле одобрени од државните регулатори, пишува „Си-ен-ен“.

Дутерте затоа реши да врати 1.000 вакцини од „Синофарм“ донирани од Кина на Филипините и и се извини на јавноста за вакцинирањето со неодобрена вакцина.

Претседателот му порача на кинескиот амбасадор да ги запре пратките на „Синофарм“.

„Испратете ни ја вакцината на ‘Синовак’, која ја користат сите“, рече Дутерте, цитиран од локалните медиуми, повикувајќи се на другата кинеска вакцина, која беше одобрена на Филипините во февруари.

Кинеските вакцини се соочуваат со пречки да бидат одобрени за итна употреба од Светската здравствена организација (СЗО), иако тие веќе се користат во многу други земји.

Кога „Синофарм“ аплицираше за одобрување за итна употреба кај Филипинската управа за храна и лекови (ФДА) на почетокот на март, директорот на агенцијата рече дека ќе биде потребно извесно време за одобрување бидејќи вакцината не е одобрена од други регулаторни тела, како што е СЗО.

Ситуацијата може да се промени наскоро. СЗО на прес-конференција во понеделникот изјави дека очекува одлуката за одобрување за итна употреба на вакцините на „Синофарм“ и „Синовак“ да биде донесена до крајот на оваа недела.

 

Share
Scroll to Top