Популарниот индиски актер, комичар и славен јутјубер, Рахул Вохра, почина од коронавирус. Пред смртта тој објавил видео од болницата, во кое ги обвинил здравствените работници дека не воделе доволно грижа за него. Тој ги критикувал и условите во болницата во која се наоѓал.
Видеото го објавила неговата сопруга Џиоти Тивари, која ја потврдила веста и напишала дека тој починал во понеделникот. „Правда за секој Рахул“, напишала таа под видеото, кое е прегледано повеќе од милион пати.
„Овој кислород е исклучително вреден во моментов. Без него, пациентите страдаат. Повикувате за помош, но никој не доаѓа. Тие доаѓаат по еден час или повеќе и некако треба да се справите во меѓувреме“, вели Рахул во видеото.
Вохра на „Јутјуб“ го следат повеќе од 120.000 фанови, а на видеаата на „Фејсбук“ има десетици милиони прегледи, пренесува „Си-Ен-Ен“.
Кризата во Индија продолжува да се влошува со секој изминат ден. Земјата постави нов рекорд за бројот на новозаболени во изминатите 24 часа, при што беа пријавени 414.000 нови случаи.
Бројката е највисока досега, за која било земја во која било точка од пандемијата. Околу 4000 луѓе починаа во истиот период. Многу епидемиолози сметаат дека бројот на пријавени е помал од реалниот број на инфекции и смртни случаи.