Пендаровски: Процесот на преговори со ЕУ не смее да се оптоварува со историски контроверзии

пред 4 години

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Брдо кај Крањ.

Честитајќи го јубилејниот, 10-ти состанок на иницијативата, претседателот Пендаровски истакна дека и оваа средба ја потврди стратешката задача, а тоа е целосна интеграција на сите држави од Западниот Балкан во Европската Унија.

Осврнувајќи се на актуелната динамика во процесот на проширување на Унијата, тој нагласи дека темпото на проширувањето е во очигледна криза. Истовремено, посочи дека во контекст на актуелните геополитички движења, ова прашање добива уште поголема важност за стабилноста и развојот како на регионот, така и на самата Унија. Претседателот Пендаровски го реафирмираше ставот за неменливоста на границите и потребата од дијалог за сите отворени прашања во духот на добрососедските односи и регионалната соработка.

Пандемијата на Ковид-19, оцени претседателот Пендаровски, ги заостри веќе постоечките проблеми со сиромаштијата, невработеноста на младите, масовната емиграција, особено на обучен и едуциран млад кадар. Според некои проценки, рече претседателот Пендаровски, на земјите ќе им се потребни една до две години да се вратат на нивото на економска активност од пред почетокот на пандемијата. Во тој контекст, од круцијално значење е да почнат пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија. На тој пат е апсолутно јасно дека историските прашања немаат ништо заедничко со процесот на европската интеграција. Евентуалните неуспеси на тој пат дополнително ќе го нарушат кредибилитетот на Европската Унија и нејзиното влијание во регионот.

„Неподелено беше мислењето, практично тоа го има и во еден од заклучоците на Декларацијата која тукушто ја усвоивме дека европското проширување кон Западниот Балкан е во застој од различни причини и тие причини не се само во регионот, има добар дел од нив и во Брисел, меѓутоа факт е дека потребен е нов поттик на евроинтеграциите. Во спротивно, некои други алтернативни модели на владеење и некои други регионални организации кои не се од Европскиот континент ќе добиваат на значење. Во однос на нашиот проблем во интеграциите беше неподелено мислењето дека евроинтегративниот процес, воопшто процесот на преговори не смее воопшто да се оптеретува со историски контроверзии, дека историските проблеми и толкувањата на историските настани немаат буквално ништо заедничко со евроатлантските интеграции и со вредностите кои членките во тие организации ги почитуваат“, рече претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека во наредниот период неколкумина од учесниците особено двајцата претседатели на Хрватска и Словенија се заложија во рамките на Европската Унија да се обидат со свои иницијативи да му дадат нов поттик на овој спор меѓу нас и Република Бугарија.

„Се надеваме дека во наредните 6 месеци откога и Словенија ќе го преземе претседавањето со Европската Унија, во таа насока ќе забележиме одредено придвижување. Мојот став беше дека Европската Унија воопшто не треба да се плаши од интеграцијата на Западниот Балкан, да речеме од некакви економски или социјални причини затоа што сите ние заедно земени, вкупно шесте економии на Западниот Балкан, ние сме не повеќе од 1% од GDP на Европската Унија со нашите 18 милиони луѓе во сите 6 земји на Западниот Балкан. Ние сме одвај 4% од вкупната популација на Европската Унија, така што ако Европската Унија, а Комисијата во овој состав токму тоа го вели, сака да биде геостратешки и геополитички играч на глобалната сцена, невозможно е да падне токму на овој испит. Ако 454 милиони луѓе, граѓани на Европската Унија не можат да апсорбираат 18 милиони луѓе кои живеат во Западниот Балкан, што станува збор тогаш за многу потешки задачи и предизвици кои стојат во денешниот свет и пред Европската Унија“, рече претседателот Пендаровски.

Во однос на придонесот на ЕУ во справувањето со последиците од пандемијата и економското закрепнување, претседателот Пендаровски изрази задоволство од усвоениот Економски и инвестициски план на Европската Унија и оцени дека неговата имплементација треба да биде навремена и ефективна. Исто така, тој уште еднаш го повтори придонесот на Унијата во раната фаза на здравствената криза преку обезбедените медицински материјали и финансии за итни потреби. Покрај тоа, изрази задоволство од неодамна обезбедените повеќе од шестотини илјади вакцини за сите држави во регионот преку инструментот за солидарност на ЕУ.

Претседателот Пендаровски заклучи дека Европа треба да биде храбра во интеграцијата на регионот. Економскиот и демографскиот товар врз ЕУ, според претседателот Пендаровски, ќе биде многу помал за разлика од претходните проширувања на Унијата, но за земјите од регионот и нивните граѓани придобивките од идното членство во ЕУ ќе бидат исклучително важни.

Share
Scroll to Top