Министерот за правда Бојан Маричиќ на стручната дискусија – „Уставното судство во Република Северна Македонија“, порача дека со оглед на високиот степен на одговорност, неспорно е дека материјалните права на Уставните судии треба да се доуредат со законски норми.
„ За да може да се постигне повисок степен на ефикасност при работењето, потребно е да се овозможи потребната финансиска и административна независност за непречено функционирање на Уставниот суд. Во таа насока е и мислењето на Венецијанска комисија која е на став дека би било корисно да се донесе посебен закон за Уставен суд, со кој би се уредиле прашањата што се однесуваат на статусот на уставните судии, основните услови за поведување на постапка пред Уставен суд, правно дејство од пресудите на Уставниот суд“, истакна Маричиќ.
Според Маричиќ постои реална потреба од донесување на Закон за Уставен суд, каде детално би се уредиле статусот, положбата, правата и обврските на судиите и нивниот материјален статус.
Во случај на отсуство на политичка волја за донесување на Закон за Уставниот суд, Маричиќ дополни дека прашањето за платите, додатоците на плати и надоместоците може да се реши со донесување на нов Закон за платите во Правосудниот сектор, кој ќе се однесува на платите на уставните судии, редовните судии, јавните обвинители, како и прашањето за статусот на службениците во Уставниот суд, редовните судови и обвинителства.
Во однос на дигитализацијата на правосудството, министерот истакна дека и Уставниот суд ќе се дигитализира во текот на 2022 година, каде ќе се воведе систем за распределба на предмети и нова веб страница со датабаза со судска датабаза на предмети.
Со оглед на фактот дека наскоро им завршува мандатот на неколку уставни судии, министерот Маричиќ истакна дека се надева дека Собранието ќе ја исполни својата уставна надлежност и дека ќе овозможи непречено функционирање на Уставниот суд.