Заев: За Божик да ја почувствуваме топлината на семејниот дом и љубовта на ближните

пред 3 години

Премиерот Зоран Заев, во свое и во име на Владата, упати честитка по повод големиот христијански празник Рождество Христово – Божик.

Заев во честитката изразува желба во срцата на сите верници да се всели безусловна љубов, мир, спокојство, радост и почит во духот на празникот на надежта, кој годинава го чествуваме во посебни услови кои на светско ниво ги донесе пандемијата на Ковид-19.

„Токму кога се соочуваме со исклучително сериозни предизвици, симболиката на најубавиот семеен празник е можност да се свртиме кон себе и кон нашите најблиски. Да ја почувствуваме топлината на семејниот дом, радоста на заедништвото и љубовта на ближните. Да ја шириме пораката Христова, која постојано не потсетува дека во милосрдието и солидарноста со другиот се остваруваме како личности. На празникот на новиот живот обединети околу универзалните христијански вредности и сплотени во љубов да го победиме ова зло и да продолжиме по европскиот пат, на создавањето дела и вредности достојни за паметење“, пишува во писмото по повод Божик премиерот Заев.

Тој воедно апелира празничните денови да се слават во кругот на домот, да покажеме, како што вели, одговорност кон себе, кон своето семејство и кон државата, со почитување на препораките за физичко растојание и за носење на заштитна опрема.

„Нека е честит и благословен големиот христијански празник – Божик! Христос се роди! Навистина се роди! Останете дома во добро здравје! Имајте среќни празнични денови меѓу своите сакани!“, порачува во писмото по повод Божик, премиерот Зоран Заев.

Share
Scroll to Top