Италијански „Tuttosport“ денеска пишува дека нов тренер на Наполи ќе биде Португалецот Сержо Консеисао (46).
Македонскиот фудбалски репрезентативец Елиф Елмас кој беше во немилост на веќе поранешниот стратег – Џенаро Гатузо (синоќа воопшто не влезе во игра против Верона, а и во останатиот дел од сезоната добиваше мала минутажа) доколку остане во клубот од Неапол се надева на поголемо разбирање од страна на португалскиот стратег.
Консеисао е тренер на Порто од 2017 година, а со клубот на двапати ја освојуваше титулата во Португалија, во 2018 и во 2020 година.
Сезонава Порто го елиминираше Јувентус во осминафиналето во ЛШ, но во четвртфиналето момците на Консеисао беа запрени од финалистот во ова натпреварување сезонава – Челси.
Консеисао претходно во кариерата ги предводеше тимовите на Олханенсе, Академика, Брага, Виторија Гимараеш и Нант.
Од играчките денови, од 1998 до 2004 година играше во Серија А за Лацио, Парма и Интер.
За селекцијата на Португалија има 56 настапи и 12 постигнати голови.