Министерот за правда Бојан Маричиќ во обраќањето на конференцијата „Медијација-за нова култура во решавањето на споровите“ кажа дека медијација како алтернативен начин на решавање на споровите треба да ги растовари судовите од натрупување со предмети.
Според министерот, со новиот Закон за медијација, кој веќе ја помина владината процедура, дополнително ќе се зацврсти улога на медијаторите и ќе ја зголеми довербата на странките во постапката.
„Статистиката покажува дека вкупната бројка на медијации од 2007 до 2016 година, не достигнувала ниту до трицифрен број, но од 2017 година почнува да се забележува драстична разлика. Веќе во 2020 година, медијаторите прикажаа внес на 1943 предмети во регистарот за евиденција на постапките за медијација на Министерството за правда, од коишто 65% или 1275 завршиле со спогодба. Цел на Министерството за правда е овој процент дополнително да се зголемува, а Северна Македонија да биде регионален лидер кога станува збор за спорови решени по пат на медијација“, истакна Маричиќ.
Министерот во своето обраќање ја истакна важноста на алтернативно решавање на споровите и дека медијацијата несомнено може да донесе голем број придобивки во едно општество: побрзо решавање, значително помали трошоци за решавање на споровите, но и растоварено судство.