Разликата меѓу одговорниот, државнички однос на СДСМ и деструктивноста на ВМРО-ДПМНЕ секојдневно се потврдува и продлабочува, оценува портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.
Според него, додека СДСМ постојано е на терен меѓу граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ е сама и изолирана, во темните подруми на лажните вести.
СДСМ ја создава најдобрата кадровска и програмска понуда за секоја општина, вели Костадинов и потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски во континуитет остануваат единствени на браникот на криминалот.
„Дури и нивниот блеф за наводен нов концепт, наводни нови политики, испари за само неколку дена. Знаат граѓаните дека тоа не е искрено, дека не е чесно од страна на Мицкоски и затоа не му даваат доверба. Бадијала ВМРО-ДПМНЕ се премачкува со разни бои, бадијала краде слогани од СДСМ. Не постои боја што може да го префарба и да го покрие криминалот и корупцијата што ВМРО-ДПМНЕ ги правеше 11 години. Ниту една боја, ниту еден украден слоган не може да го сокрие антидржавното однесување и штетите што ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ги нанесуваат на државните и националните интереси“, вели портпаролот на СДСМ.
Според него, со ниту една боја не можат да се покријат блокадите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, блокадите на изградбата на нов Клинички центар, блокадите на Законот за наставници, но и претходните блокади на законите за антикризните мерки.
„Не е можен нов концепт со стари, режимски луѓе, тоа е обичен блеф, осуден на пропаст. Граѓаните тоа го знаат, затоа ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се таму каде што се, во длабока опозиција каде долго и ќе останат“, додаде Костадинов.