Мајката на поранешниот полицаец Дерек Шовин, кој беше осуден на 22 и пол години затвор за убиството на афроамериканецот Џорџ Флојд, изјави дека се плаши дека нејзиниот син ќе биде мртов пред да биде ослободен од затвор.
„Дерек посвети 19 години на полицијата во Минеаполис. Тешко ми беше да слушнам од медиумите, јавноста и обвинителството дека Дерек е агресивен, нечувствителен и невнимателен. Тоа е далеку од вистината“ – изјави неговата мајка, пренесуваат медиумите.
Таа додаде дека идентитетот на нејзиниот син е сведен на расист.
„Сакам овој суд да знае дека ништо од ова не е вистина и дека мојот син е добра личност“, рече таа.
Флојд почина во мај 2020 година во Минеаполис откако Шовин го притисна со коленото над вратот повеќе од девет минути, за време на апсењето за наводна употреба на фалсификувана сметка од 20 американски долари.
Снимката беше проследена со големи немири во САД, во кои граѓаните протестираа, жалејќи се на полициската бруталност и расизам.
Инаку полицаецот Шовин кој го уби Флојд, беше осуден на 22 и пол години затвор. Претходно беше прогласен за виновен по сите три точки од обвинението.
Судијата Питер Кејхил рече дека пресудата не се заснова на емоции или симпатии, но дека, во исто време, сака да ја признае огромната болка што ја чувствува семејството Флојд.
„Вие ги имате нашите симпатии“, рече судијата.
Шовин, кој претходно беше прогласен за виновен по сите три точки од обвинението, не сакаше да ја искористи можноста да зборува, но изрази сочувство до членовите на семејството на Флојд, кои сведочеа пред судот.
Тој исто така рече дека на крајот ќе излезат на виделина и други информации што ќе бидат од интерес за семејството Флојд.