Поранешниот фудбалер Синиша Михајловиќ и неговата сопруга Аријана, вторпат ги обновија брачните завети што ги дадоа 1996 година, кога се венчаа во Рим. Тие повторно се венчаа во црква во Сремски Карловци 2005 година, а сега заветите ги обновија во Сардинија, на мала церемонија во црквата „Стела Марис“ во Порто Черво, на која присуствуваа сите нивни деца и мајката на Аријана.
На церемонијата Синиша носеше бел костум, а Аријана одбра шарен летен фустан со цветен принт. Иако заветите ги дадоа во католичката црква, избраа тоа да го направат на православниот празник Видовден, денот кога во 2005 година се венчаа според православните обичаи во Сремски Карловци.
Љубовната приказна на Синиша и Аријана трае повеќе од две и пол децении. Претходните две години им беа турбулентни, оти славниот фудбалер откри дека боледува од рак. Но, вели дека болеста ги зближила уште повеќе и ја зајакнала нивната љубов.
Тренерот на „Болоња“ и поранешната водителка се запознаа во средината на ’90те години во ресторан во Рим. Двајцата често изјавуваа дека тоа била љубов на прв поглед, иако на почетокот се преправале дека не се интересираат еден за друг.
„Се правев дека не ме интересира затоа што бев многу нервозен. Аријана подоцна ми призна дека и таа глумела. По состанокот во кафулето, продолживме во дискотека. Хемијата работеше, па на нејзината пријателка ѝ реков дека би се оженил со Аријана уште следниот ден“, изјави своевремено тој за италијанските медиуми.
Синиша и Аријана имаат две ќерки, Викторија и Вирџинија, и три сина: Мирослав, Душан и Николас. Во кратката врска со Италијанка, со која беше пред да ја запознае Аријана, Синиша го доби и синот Марко.
Тренерот на „Болоња“ неодма откри и дека наскоро ќе стане дедо, оти помладата ќерка Вирџинија е бремена со своето прво дете.