Само три дена по емитувањето на документарниот филм за српската пејачка Светлана Ражнатовиќ Цеца, „Српска мајка“, истиот беше тргнат од „Јутјуб“, заради кршење на авторски права. Во документарецот е прикажан животот на славната пејачка.
Прикажано е нејзиното минато од петнаесетгодишна возраст, апсењата и врските кои таа ги имала со мафијата. Била прикажана венчавката со Аркан и приказната за проневерата на пари во фудбалскиот клуб Обилиќ и апсењето на Цеца по атентатот врз премиерот Зоран Џинџиќ.
Документарецот беше емитуван на српската телевизија N1 и беше објавен на „Јутјуб“, а само три дена подоцна, тој беше тргнат од платформата.
Барањето да биде отстранет дошло од јутјуб каналот на Цеца „Цеца мјузик“. Таа ги пријавила затоа што во филмот има делови од нејзината венчавка со Жељко Ражнатотивќ Аркан, па од „Јутјуб“ сметаат дека е направена повреда на авторските права.
Адвокатот на Цеца побарал од телевизијата и аудио-видео продукцијата ЈСП, да не се емитува документарецот, или во спротивно ќе бидат тужени. Авторката на филмот Јована Полиќ, вели дека не се прекршени авторските права и дека тоа што ја вознемирува Цеца е нејзиното минато.
„Ако има нешто вознемирувачко за неа, тоа сигурно нема никаква врска со авторското дело изработено од Сања Лончар, Славиша Лекиќ и мене. Бидејќи, кога реагирате пред да се измонтира и еден кадар од овој документарец, кога реагирате пред да се сними еден соговорник, кога реагирате пред да се напише дури и една буква од сценариото, тогаш е сосема јасно дека не ве вознемирува содржината на документарецот, туку исклучиво содржината на сопствената биографија“, изјави авторката на документарниот филм, новинарката Јована Полиќ.
Полиќ и нејзиниот тим имаат направено серија документарни филмови за важни актери од поновата српска историја, базирана на книгата „Херои на злото време“ од Славиша Лекиќ.
Освен за Цеца, снимени се емисии и за актуелниот претседател на српскиот парламент, Ивица Дачиќ, министерот за внатрешни работи, Александар Вулин и министерот за финансии, Синиша Мали.