СЗО: Потврден првиот случај на екстремно смртоносен вирус „Марбург“, сличен на ебола

пред 3 години

Светската здравствена организација соопшти дека здравствените власти во Гвинеја го потврдиле првиот случај на екстремно смртоносен вирус „Марбург“, сличен на ебола.

Според СЗО, ова е прв случај на Марбуршка вирусна хеморагична треска во Западна Африка, пациентот бил лекуван во локалната болница кога неговата состојба одеднаш се влошила, по што починал.

Во моментов се работи на пронаоѓање на неговите контакти во делот на земјата кон границата со Либерија и Брегот на Слоновата Коска со цел да се запре ширењето на вирусот, пренесува Гардијан.

„Вирусот „Марбург“ има голем потенцијал за ширење, што значи дека мора да го запреме што е можно поскоро“, рече регионалниот директор на СЗО за Африка, Мацисидо Моети.

Првиот случај во Гвинеја беше потврден минатата недела, само два месеци откако земјата прогласи крај на епидемијата со ебола, во која годинава загинаа 12 лица.

Ова е првпат смртоносната болест да се идентификува во Западна Африка, а од 1967 година во Марбург имало 12 големи епидемии, претежно во јужна и источна Африка.

Стапките на смртност од вирусот „Марбург“ варираа од 24 до 88 проценти во минатите епидемии, во зависност од видот на вирусот изјавија од СЗО.

Вирусот се пренесува преку крв и секрети. По инкубацијата, која може да трае до шест дена, болеста започнува со висока температура, болки во мускулите и општа слабост, што доведува до големо оштетување на органите и е чест фатален исход кај пациентите.

Share
Scroll to Top