Тие коишто ја имаа најголемата обврска да го имплементираат договорот во овие две децении, денес организираат скапи прослави и забави за да го покријат нивниот дводецениски неуспех, велат од Алијансата за Албанците.
Според партијата, по дваесет години, Охридскиот договор продолжува да биде тема на дискусија и ниту еден од столбовите на овој договор не е заокружен. Од партијата велат дека сѐ уште не се исполнети обврските од договорот, како што се: правична застапеност, социјална и економска еднаквост, уставна еднаквост на граѓаните во земјата, квалитетно образование, рисоцијализација на учесниците во конфликтот, реална децентрализација, нефунксионалноста на бадентеровиот систем, меѓуетничките односи и европската интеграција.
„За да биде иронијата уште поголема, денес се трошат 500 илјади евра за организирање на една прослава, предизборна забава на партиите на власт, додека, тие што беа најзаслужни, семејствата на загинатите борци и учесниците во војната во 2001 година, се борат за опстанок, со неизлечени рани и многу од нив коишто заминаа надвор од државата“, велат од АА.
Денес, додаваат од таму, за војната и за Охридскиот договор говорат некои луѓе, како Артан Груби којшто, како што велат, нема ниту еден најмал допринос за овој процес, туку само постојано профитира газејќи по доприносот на сите други актери кои на различни начини инвестираа и се жртвуваа.
„Го повикуваме него и ДУИ да не манипулираат со крвта и жртвувањето на војниците и сите останати што допринесоа. Да, придобивките од Охридскиот договор се поголеми од петстоте илјади евра што се трошат за вашата партиска забава, но, јавно ве прашуваме-кои се придобивките од оваа забава? Немојте да манипулирате, парите не се трошат за Охридскиот договор, туку за прослави и за предизборна кампања злоупотребувајќи го овој документ“, велат од Алијансата за Албанците.