Европската Унија ја суспендира исплатата на развојна помош за Авганистан сега кога земјата е под контрола на Талибанците, но во исто време размислува дали да ја зголеми хуманитарната помош, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жосеп Борел.
Тој објасни дека исплатата на развојната помош не може да продолжи додека не се разјасни ситуацијата со талибанските лидери.
По вчерашното претседателство на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, Борел рече дека Талибанците мора да ги почитуваат резолуциите на Советот за безбедност на ОН, но и човековите права за да добијат пристап до финансиски средства.
Тој потврди дека хуманитарната помош ќе продолжи, а можеби и ќе се зголеми, со оглед на бројот на раселени Авганистанци, последиците од сушата и влијанието на пандемијата на коронавирус.
ЕУ вети 1,2 милијарди евра или околу 1,4 милијарди американски долари за развојна помош на Авганистан за периодот 2021-2024 година.
Борел, исто така изјави дека Европската Унија ќе мора да соработува со Талибанците за да обезбеди поддршка на авганистанскиот народ, дури и ако ЕУ не ги признае како легитимна влада во Авганистан.
„Не реков дека ќе ги признаеме Талибанците“, објасни тој на прес -конференција по вонредната средба со министрите на ЕУ но прецизира дека за се мора да се разговара со Талибанците, пред се за заштитата на жените и девојките, рече тој.