Заклучувањето во Нов Зеланд ќе биде продолжено барем до вторник за да се намали бројот на инфекции со коронавирус, објави денеска премиерката Џасинда Ардерн.
Нов Зеланд потврди 11 нови локални инфекции од Ковид-19, вкупно 31 од вторникот.
Претходните случаи беа потврдени во Аукленд, но сега три случаи се откриени и во главниот град Велингтон.
Земјата е затворена од вторникот откако беше откриен еден локален случај на инфекција со коронавирус, прв во речиси шест месеци.
„Ние едноставно не ги знаме размерите на делта сојот. Сè на сè, ова ни кажува дека треба да бидеме внимателни“, рече Ардерн на прес -конференција.
Ардерн ги потсети жителите на Нов Зеланд дека стратегијата за затворање на земјата покажала резултати и претходно.
„Пробано е и тестирано, само треба да се држиме до мерките“, увери премиерката.
Владата ќе ги преиспита сегашните ограничувања во понеделник, објави таа.
Во Нов Зеланд, сите училишта се затворени. Луѓето треба да останат дома и можат да излезат само за да одат до продавница, да вежбаат или да добијат медицинска нега.
Повеќе од два милиона жители на Нов Зеланд, од вкупното население од околу пет милиони, примиле барем една доза вакцина, а 23 проценти од оние над 16 години се целосно вакцинирани.