Нашата општина Бутел веќе 4 години сериозно назадува, СДСМ и актуелниот градоначалник не реализираа буквално ништо од тоа што го ветија, ветуваа нова поликлиника, полициска станица, противпожарен пункт, плоштади, паркови, градинки, училишта, спортски комплекси, гасификација, канализациони мрежи и водовод онаму каде што нема, ветуваа отчетност и транспарентност, додека пак во реалноста добивме лаги, манипулации и најнедостапна општинска администрација во историјата на општина Бутел, изјави Дарко Костовски од ВМРО-ДПМНЕ.
„ Сите ние сме сведоци на кој начин се води нашата општина последниве четири години, од таму и не би сакал премногу да се задржувам на таа класична управувачка неспособност која што за два месеци ќе биде минато. Она што сакам да го истакнам е мотивот, визијата и желбата која што постои во мене и мојот тим за модерна, просперитетна и безбедна општина Бутел, општина со нов модерен лик, општина која што ќе добие целосна трансформација и ќе биде носечка во градот Скопје.
Имавме чест да ги консултираме граѓаните на општина Бутел, нашите стручни тимови заедно со реалните потреби на граѓаните создаваат визија која што ќе биде преточена во предизборна програма, за која даваме збор дека ќе биде целосно реализирана“ рече Костовски.
Тој најави дека во наредните четири години Бутел ќе има сосема нов лик, со нова модерна поликлиника, нова полициска станица и противпожарен пункт, со модерен плоштад, ќе има ултра модерен олимписки спортски центар, паркови и детски катчиња, нови градинки и училишта, целосна канализациона мрежа во Кучевачка бара и Бел камен, нова водоводна мрежа во Љубанци и Љуботен.
Костовски ги повика граѓаните без разлика на вера и етничка припадност, без разлика на партиска припадност, да бидат дел од, како што рече, новата победничка генерација која што ќе донесе целосна трансформација на Бутел.