Во Шведска, најверојатно ќе се види во наредните месеци дали инфекциите со Kовид-19 ќе добијат на интензитет, додека сегашните епидемиолошки мерки мора да се задржат, објави Агенцијата за јавно здравје, се додека не се вакцинираат поголемиот дел од возрасната популација.
Бројот на случаи на коронавирус во Шведска се зголеми во последниве недели и се очекува трендот да продолжи со почетокот на наставата во училиштата и враќањето на луѓето на работа, пренесува „Ројтерс“.
„ Сите три наши сценарија укажуваат на зголемено ширење на случаи за време на есента“, се вели во соопштението на Агенцијата за јавно здравје.
Во соопштението на Агенцијата се додава дека се претпоставува дека на поголем број луѓе ќе им треба болничко лекување, но дека тоа ќе биде на пониско ниво отколку порано за време на пандемијата.
Иако имаше помалку инфекции во текот на летото, брзото ширење на многу заразниот делта-сој ги натера шведските власти да ги повикаат граѓаните да бидат претпазливи, особено поради постуденото време што доаѓа и ги принудува луѓето да влегуваат во затворен простор.
Во соопштението на Агенцијата се вели дека тековните ограничувања и препораки, главно ограничувања на социјални настани, изолација доколку се заразени и работа од дома, доколку е можно, треба да се одржат додека не се вакцинираат повеќе луѓе.
Околу 65% од возрасната популација во Шведска е целосно вакцинирана.