„Простуваме, но не забораваме“ – Пендаровски на 78 годишнината од холокаустот на македонските Евреи во Треблинка

пред 3 години

Во спомен на холокаустот на македонските Евреи во логорот на смртта Треблинка на 11 март 1943-тата година, претседателот Стево Пендаровски денеска во дворот на Кабинетот засади дрвце, македонски даб. Истовремено, во негово име, а во соработка со амбасадата на Израел, стебло беше засадено и во Ерусалим, во парк шумата на мирот, Амандав.

Истакнувајќи дека садниците се израз на почит кон малубројната, но исклучително значајна еврејска заедница во Северна Македонија, претседателот Пендаровски во својата порака рече дека со векови, еврејската заедница била плодно стебло на македонската почва.

„Во духот на соживотот, Евреите живееле со нас, како едни од нас. Евреите биле прифатени и почитувани како добри домаќини, верни соседи и вредни еснафи. Наша желба како држава и како луѓе, е еврејската заедница одново да израсне во плодно стебло. Нивните корења нека се напојуваат од сеќавањата, а гранките нека носат надеж за иднината“, потенцираше претседателот Пендаровски.

Во текот на Втората светска војна биле убиени над шест милиони Евреи. Само во логорот Треблинка за околу една година биле убиени околу 900.000 жени, мажи и деца, а меѓу нив биле и 7144 македонски Евреи од Скопје, Битола и Штип коишто претставувале дури 98% од македонската еврејска заедница.

„Холокаустот е логичка последица на моралниот вакуум во кој се било дозволено, вклучително и обезвреднувањето на човековиот живот и неговото вродено достоинство. Ова апсолутно зло мора да биде осудено апсолутно. Не смееме да дозволиме вистината за Холокаустот да се релативизира и заборава. Наша должност е да се сеќаваме за никогаш да не се повтори“, порача претседателот Пендаровски.

На одбележувањето на 78 годишнината од холокаустот на македонските Евреи присуствуваше и почесниот конзул на Државата Израел во Република Северна Македонија, Градимир Шумковски. Од Ерусалим, пак, онлајн се обратија претставници на Еврејскиот национален фонд, Jewish Impact, како и претставник на министерството за надворешни работи на Израел.

Во сеќавање на холокаустот на 7144 македонски Евреи, претставник на Кабинетот на претседателот положи цвеќе пред Споменикот на депортираните македонски Евреи во Скопје.

Share
Scroll to Top