Шварценегер загуби спонзор оти ги навредил невакцинираните Американци

Шварценегер загуби спонзор оти ги навредил невакцинираните Американци

пред 3 години

Откако актерот Арнолд Шварценегер јавно кажа дека носењето маски и вакцинирањето треба да е задолжително, а не личен избор и на антиваксерите им порача: „По ѓаволите со вашата слобода“, еден од неговите најголеми спонзори, компанијата „Редкон 1“ се повлече од претстојниот натпревар во бодибилдинг „Арнолд класик“. Оваа компанија повеќе од десет години е спонзор на бодибилдинг настанот што го организира Шварценегер, а кој оваа година треба да се одржи во септември во Охајо.

Компанијата за спортска опрема, „Редкон 1“ вели дека веќе нема да го спонзорира натпреварот за бодибилдинг поради „опасните и антиамерикански“ забелешки на актерот.

„Со голема тага објавуваме дека ’Редкон 1‘ одлучи да ја прекине секоја поддршка за ’Арнолд класик‘ и други настани поврзани со Арнолд низ целиот свет“, напиша основачот на фирмата, Арон Сингерман, на Инстаграм и додаде дека неговата компанија е патриотски бренд што поддржува слобода на избор.

„Секој што вели ’По ѓаволите со вашата слобода‘ не е американски патриот“, напиша Сингерман.

За потсетување, Шварценегер вели дека антиваксерите со нивниот став тие придонесуваат за ширење на короната.

„Вирусот е тука, ги убива луѓето и единствениот начин да се ослободиме од него е со вакцинацијата, носење маски и држење дистанца. Треба постојано да ги миеме рацете, а не да размислуваме дека нашата слобода сега е загрозена. По гаволите со вашата слобода, луѓе умираат“, рекол тој за „Индепендент“.