Во април 2020 година, Шведска беше помеѓу 10-те земји најтешко погодени од пандемијата на коронавирусот, а денес, 15 месеци подоцна, таа е многу подобра од повеќето европски земји, применувајќи стратегија со многу помали ограничувања.
За потсетување, во април во Шведска дневниот број на смртни случаи се искачи над 100, над 500 пациенти заразени со коронавирус беа на интензивна нега, а особено тешка беше состојбата во домовите за стари лица.
Светот ја следеше ситуацијата во неверување, особено имајќи предвид дека главниот државен епидемиолог, Андерс Тегнел, ја прифати стратегијата со многу препораки, но со многу малку реални ограничувања.
Многу експерти веруваа дека Шведска експериментира со сопствената популација, дека десетици или дури стотици илјади луѓе ќе починат до лето и дека болничкиот систем ќе се распадне под наездата од пациенти.
Среде растечката пандемија, за која во тоа време немаше вакцини ниту напредни медицински третмани, за британската платформа „Unheard“ истапи шведскиот 71-годишен епидемиолог, Јохан Гизеке, ментор на Тегнел и еден од неговите претходници.
Изјавите на Гизеке во голема мера го одразуваа официјалниот став на шведската епидемиолошка професија и Институтот за јавно здравје.
Тие беа потполно шокантни и речиси спротивни од правецот во кој се движеше цела Европа.
„Локдаунот не може да функционира во демократски земји, односно, во најдобар случај, може да се воведе како еднократна и краткорочна мерка, како еден куршум кој треба да се испука во вистинско време. Не постои научна основа за повеќето епидемиолошки мерки кои се воведуваат ширум Европа. Стапката на смртност од Ковид-19 во цела Европа за една година ќе биде отприлика иста, разликите ќе бидат најмногу околу 20 отсто“, ладнокрвно изјави Гизеке.
Каква е ситуацијата денес, 15 месеци подоцна?
Денес, 15 месеци подоцна, веќе нема никаков сомнеж дека Тегнел и Гизеке, во најмала рака, не зборуваа сосема погрешно. Иако основните училишта одржуваа нормална настава, иако беа отворени сите продавници, трговски центри, ресторани, градинки, кина, јавен превоз, спортски сали, скијачки центри, кафулиња и други активности, иако немаше никаков локдаун, задолжително носење маски или затворање на границите, Шведска денес стои подобро од повеќето европски земји, и според вкупната смртност од Ковид-19, и според вишокот на смртност во пандемијата, но и според падот на економските активности.
Заклучно до вчера, од коронавирус починале 14.656 шведски државјани, со напомена дека во таа евиденција спаѓаат сите оние кои починале со позитивен PCR тест, без оглед на причината за смртта. Во болниците има 109 пациенти дијагностицирани со Ковид-19, од кои 16 се на одделенија за интензивна нега. Во последниот месец, на национално ниво се регистрирани 1.500 до 2.100 нови инфекции неделно, додека во најлошите пандемиски денови, кон крајот на декември 2020 година, имаше до 10.000 нови случаи за 24 часа.