Министерството за здравство ја поздравува постапката на Основното јавно обвинителството кое ја води истрагата за избувнувањето на пожарот во мобилниот ковид – центар во склоп на Клиничката болница во Тетово.
„Ја информираме јавноста и истражните органи дека стоиме на располагање на сите институции и сакаме да соработуваме и да ја приложиме целокупната документација со која располагаме, за поставувањето на сите 17 регионални ковид центри во државата“, велат од МЗ.
Од таму велат дека сите стручни технички извештаи се достапни за увид.
„Информираме дека откако изведувачот ќе ги поставеше модуларните контејнери се вршеше примопредавање на истите. Примопредавањето го правеа инженери од МЗ, МТСП, како и претставници од изведувачот и болниците, со што модуларните контејнери се предаваа на болниците во целост согласно техничките спецификации од договорот. Министерството за здравство не сакајќи да се меша во јавно обвинителските одлуки и дејствувања, ниту да наштети на независната истрага која ја водат Основното јавно обвинителство и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, по претходна нивна дозвола, документацијата со која располагаме подготвени сме да ја доставиме на увид“, се наведува во соопштението.