Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, ги повика Белград и Приштина веднаш да ги намалат тензиите и да се воздржат од еднострани потези.
Тој додава дека специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак, моментално е во Белград, каде што ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, и дека Лајчак разговарал со политичките лидери во Косово за ситуацијата.
Одговарајќи на прашањето на „Танјуг“ за состојбата на административните премини меѓу северно Косово и централна Србија, Стано рече дека слободата на движење е еден од темелите на ЕУ и оти се очекува Белград и Приштина да ја промовираат таа слобода во регионот.
„Ги повикуваме двете страни да се воздржат од еднострана акција и да ги намалат тензиите, веднаш. Ги повикуваме и двете страни да ги разгледаат сите прашања преку дијалог во Брисел и да го користат дијалогот како платформа за решавање на сите отворени прашања што ги имаат едни со други, вклучувајќи ја и слободата на движење“, вели Стано.