Британската кралица Елизабета 12. пат стана прабаба, откако нејзината внука, принцезата Беатрис, роди девојче во саботата, објави Бакингемската палата.
„Нејзиното кралско височество принцезата Беатрис и г-дин Едуардо Мапели со задоволство објавуваат дека нивната ќерка се роди безбедно во болницата Челси и Вестминстер во Лондон во саботата, 18 септември. Бабите, дедовците, прабабите и прадедовците беа информирани и воодушевени од веста. Семејството сака да им се заблагодари на вработените во болницата за нивната прекрасна грижа“, стои во соопштението на Бакингемската палата.
Ова е прво дете на принцезата Братрис, а второ на нејзиниот сопруг, кој има син, Кристофер Волф, од претходната врска.
Бебето е 12. правнук на кралицата, второ родено по смртта на војводата од Единбург. Во јуни, принцот Хари и Меган Маркл ја добија ќерката Лилибет.