ФИФА им одреди два меча без публика и казна од 300.000 швајцарски франци на Унгарската фудбалска федерација (МЛСЗ) поради расистичките навреди кон англиските фудбалери на бурниот квалификациски меч на 2 септември во Будимпешта.
Унгарците ќе го играат следниот домашен меч без публика, додека вториот меч е условен во период од две години, откако Рахим Стерлинг и Џуд Белингам беа поздравувани со мајмунски извици, а тимот беше исвиркан пред стартот на мечот.
„По анализата на случувањата на мечот, посебно поради сериозноста на инцидентите (расистички навреди, фрлање објекти, палење факли, блокирање на скали), дисциплинскиот комитет на ФИФА одлучи МЛСЗ следните два меча да играат без публика, од кои вториот условно во период од две години. ФИФА останува посветена на отфрлањето на било кој вид на расизам и насилство, како и навреди за фудбалерите“, се вели во одлуката на ФИФА.