ВМРО-ДПМНЕ: Документите за модуларната болница во Тетово не биле потпишани од инженер

пред 3 години

СДСМ и ДУИ се најповиканите на одговорност во случајот со катастрофалниот пожар во тетовската модуларна болница, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозициската партија, од почетокот на изградбата, па сè до трагичниот настан модуларните болници ги следеле низа на сомнителни постапки и огромни пропусти.

„Прво, самиот факт што болницата изгоре за само 3 минути го поставува прашањето за небезбедните ПУР материјали со кои била направена болницата, а кои се лесно запаливи.

Второ, сведоштвото на очевидци дека во објектот во кој живи изгореа 14 пациенти немало противпожарни апарати и систем за рана детекција на пожари.

Трето, објектите биле предавани во употреба без технички прием, без одобрение за градба.

Четврто, на примопредавањето на објектите не присуствувал инспектор на Дирекцијата за заштита и спасување кој бил должен да го провери објектот од евентуална опасност од пожар и експлозии и да го одобри објектот како безбеден.

Петто, според информациите на медиумите во документите како надзор по завршување на изградбата на модуларните болници нема потпишано инженер кој би гарантирал за квалитетот на објектот. Ваков објект без гаранција од инженер бил пуштен во употреба и лекување на пациенти, што е врвот на неодговорноста.

Шесто, според податоци во јавноста документацијата за проектот од Министерството за труд и социјална политика не е идентична со тендерската документација на Министерството за здравство кое го давало решението за градба на модуларните болници.

Седмо, Зоран Заев и Венко Филипче летаа со хеликоптери за да прават увид на поставувањето на модуларните болници, а сега бегаат од одговорноста за трагедијата. Тоа е бесрамно и мизерно“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Според партијата, Заев, Филипче и СДСМ си ја префрлаат одговорноста за трагедијата во Тетово со коалицискиот партнер ДУИ, но, како што велат, тоа воопшто не ја интересира јавноста.

„За да има кредибилна истрага прво треба сите оние кои се вмешани во градењето на тетовската модуларна болница да си поднесат оставка, за да не влијаат на процесот на истрагата. Потоа ќе се види кој освен моралната одговорност, ќе сноси и кривична одговорност“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Share
Scroll to Top