(Видео) Пандов: Со промената на имињата на скопските улици се врши идентитетски геноцид, избришани се великани од македонската историја

пред 3 години

Според претседателот на Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Пандов, со менувањето на имињата на улиците во Скопје, градските власти на чело со градоначалникот Петре Шилегов, вршат идентитетски геноцид.

„Ветувањето дека ќе ја реши Универзална сала, дека ќе направи нови булевари, дека ќе направи нови мостови, ќе имаме тунел под Калето, дека ќе имаме Луна парк за децата, ништо од тоа не е направено и целиот негов мандат се сведува на клучната работа, а тоа е да ги смени имињата на улиците и притоа како и за се друго што прави СДСМ се прави идентитетски геноцид“.

Како што вели Пандов, со новите предлози се менуваат имиња на народни херои, на револуционери, а на нивно место се ставаат разно разни ликови.

„Се брише името на еден од најголемите имиња во македонската историја Павел Шатев, гемиџија и прв министер за правда, се брише името на Христо Батанџиев, на Борис Трајковски, на Теодосија Гологанов, или ако сакате на нобеловката Мајка Тереза, а на нивно место се ставаат имиња на ликови кои што немаат никаква допирна точка со градот Скопје и со македонската историја, а како капак на сето тоа сигурно по наредба на Зоран Заев, шефот на Шилегов, ќе имаме улица која ќе го носи она срамно обележје и потпишувањето на договорот од Нивици со кое што да потсетам ни се смени уставното име“, вели претставникот на ВМРО-ДПМНЕ кој додава дека има и цела листа на имиња на луѓе кои што ја сочинувале призренската лига, која како што вели, како главна идеја го имала создавањето на Голема Албанија.

„Оттука со индигнација ние како Патриотски институт на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-ДПМНЕ ги отфрламе овие имиња и остро се спротивставуваме на нив“, нагласува Пандов.

Share
Scroll to Top