Да се почитува територијалниот интегритет на сите независни држави, рече Мицкоски на средба со рускиот амбасадор

пред 2 години

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска оствари средба со рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин.

Како што информираат од партијата, на средбата станало збор и за меѓународните предизвици во регионален и поширок контекст.

„Мицкоски посочи дека е за почитување на територијалниот интегритет на сите независни држави и дипломатско надминување на сите различни ставови во поглед на актуелните прашања“, се наведува во партиското соопштение за средбата.

Двајцата соговорници зборувале и за актуелната општествено политичка и економска состојба во земјава.

Мицкоски посочил дека Македонија бележи политички и економски застој во поглед на нашите стратешки цели, односно членството во Европската Унија.

„Сериозна препрека освен спорот со Бугарија преставува и отсуството на реформи на Владата. Состојбата со корупцијата и селективната правда кои се широко распространети ја вбројува државата меѓу најкорумпираните во Европа и на дното на скалата на ‘Транспаренси’, која го мери индексот на корупција“, истакнал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, најголемиот предизвик во овој момент е заштитата на економскиот стандард на граѓаните, спречување на инфлацијата и растечката сиромаштија.

Share
Scroll to Top