(Видео) Кривична за градоначалникот на Петровец и уште седум лица за перење пари

пред 3 години

Директорот на Управата за финасиска полиција, Арафат Муареми, денеска информираше дека Управата поднела кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против пет физички и три правни лица за сторени кривични дела со кои е причинета штета на буџетот на општина Петровец, во износ од над половина милион евра.

Првопријавениот е градоначалник на општина Петровец во периодот од 2009 година до денес, второпријавениот е во својство на вистински сопственик и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „АЦЕ ТРАНС КОМПАНИ“ ДООЕЛ Скопје и правниот субјект „ЛЕОМА ТРАНС“ ДОО Скопје, третопријавениот е во својство на инжинер за надзор, четвртопријавениот е во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ БАУ“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „ЧОЛА ТОП“ ДООЕЛ Батинци, и петтопријавениот е во својство на управител на пријавениот правен субјект „АЦЕ ТРАНС КОМПАНИ“ ДООЕЛ Скопје.

На денешната прес-конференција во врска со овој случај присуствуваше и вицепремиерот за борба против корупцијата, Љупчо Николовски кој посочи дека во маj годинава до кабинетот од анонимен подносител пристигната е претставка за сомневање за злоупотреба на службена положба, перење пари и злоупотреба на постапка за јавна набавка, од страна на одговорни лица од општината.

„Борбата против корупцијата и криминалот е процес кој бара максимална вклученост и координараност со сите надлежни институции, бидејќи само така можеме да застанеме на патот на оваа појава која го нагризува општеството“, изјави Николовски во своето обраќање.