Иванов: Процесот на обезличување на Македонија започна со Охридскиот договор

пред 3 години

Поранешниот претседател Ѓорге Иванов, денеска се обрати на свечениот собир во МАНУ на тема: „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941 – 1991 / 1991 – 2021 година“.

Иванов во својот говор ја искритикува актуелната власт, велејќи дека постојано се повторува една мантра: дека друга алтернатива освен членство во Европската Унија немаме.

„Денес многу ретко, или воопшто не се чита Мисирков и неговата книга ‘За македонцките работи’, особено не од страна на актуелната власт и нејзините советници. Стравот да се отвори и прочита оваа книга е од сопствената грижа на совеста затоа што е напакостено и испогането сè што било и ќе биде свето за Македонците и за Македонија“, нагласи тој.

Поранешниот претседател смета дека обезличувањето на Македонија, не е дело само на, како што кажа, грчкиот договор од Преспа и договорот со Бугарија, туку тој процес смислено почнал со Охридскиот договор.

„Со Охридскиот договор, покрај сите предупредувања, македонскиот народ од националитет се сведе на етницитет – етничка група. Од тогаш сè веќе беше подготвено за она што денес ни се случува… Со тоа, Република Македонија и македонскиот народ се втурнати во правна, политичка, историска бездна. Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира она што е наше стекнато право. И тоа на повеќе нивоа и во повеќе наврати“, посочи Иванов, кој порача дека денеска на Република Македонија повеќе од кога и да е ѝ се потребни луѓе кои, како што кажа, со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци и дека се припадници на македонскиот народ.

Тоа, како што објасни, се луѓе кои нема да се авто-цензурираат и кои со храброст ќе говорат што е Македонија.

„Македонија има потреба од луѓе кои нема да се плашат да ги посочат виновниците. Виновниците кои посегнаа да ги цензурират и нашите колективни сеќавања. Да ја цензурираат македонската историја, македонската култура, да ги менуваат фактите онака како што им треба на другите. Виновниците кои дури посегнаа да ја цензурирааат и конторолираат македонската свест“, истакна Иванов во своето обраќање.