Во Скопје утре и задутре ќе има посебен сообраќаен режим поради посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен.
„Секторот за внатрешни работи Скопје ќе превземе мерки за посебен режим на сообраќајот по сообраќајниците на поширокото централно подрачје на град Скопје. Секторот за внатрешни работи Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници“, информираат од МВР.
Фон дер Лаен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западен Балкан, почнувајќи од Албанија и Македонија.
Шефицата на Европската комисија ќе го посети регионот една недела пред самитот ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија со лидерите од регионот.
Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде самит за проширувањето, туку можност да се разговара за односите на ЕУ и регионот.