Американската манекенка Емили Ратајковски тврди дека била сексуално нападната од пејачот Робин Тик во 2013 година, кога ја снимале заедно песната Blurred Lines. Таа во книгата која наскоро ќе ја објави, отрила дека за време на снимањето, тој ја допирал без нејзина согласност.
Емили во книгата „Моето тело“, откри дека Тик дошол пијан на сетот кога требало да снима со неа. „Од никаде, ги почувствував неговите студени раце како ги допираат моите голи гради. Инстинктивно се тргнав од него“, напишала Емили.
Манекенката изјавила дека се чувствувала понижено иако подоцна Тик и се извинил. Нејзината приказна ја поддржала и режиерската на видеото, Дајан Мартел, која за „Сандеј Тајмс“ изјавила дека многу добро се сеќава на тој инцидент.
„Се сеќавам на моментот кога ги фати нејзините гради. Тој стоеше зад неа, додека двајцата снимавме од профилот“, рече Мартел.
За потсетување, песната Blurred Lines беше на врвот на топ листите, но, дел од критичарите сметаа дека стиховите и музичкото видео, повикувале на секс без согласност.
Пејачот Фарел Вилијамс, кој исто така беше во спотот, подоцна призна дека се срами поради стиховите. Тик рече дека оние што ја критикуваат не ја разбрале поентата. Тој за Њујорк Тајм во 2015 година рече дека стиховите немаат сексуална конотација.