Езерото Туз, второ по големина во Турција, годинава целосно пресуши, поради што 50.000 фламинга останаа без дом. Фахри Тунц, фотограф и претседател на регионалната еколошка групација „Дога Дернеги“ за АП вели дека езерото пресушило поради климатските промени.
„Ова езеро со векови беше прибежиште за големите колонии фламинга што се размножуваа тука. Овде имаше околу 50.000 млади фламинга. Сите исчезнаа бидејќи нема повеќе вода. Тие се хранеа со алги од плитката вода на езерото, но веќе ги нема“, рекол тој.
Езерото е со големина од 1.665 квадратни километри, било дом и на неколку видови птици. Освен климатските промени, на неговото пресушување влијаела и штетната земјоделска политика која, според експертите, го исцрпила подземното водоснабдување.
Студија направена врз основа на сателитски снимки на турскиот универзитет Еге покажува дека нивото на водата на езерото Туз почнало да опаѓа во 2000 година, а оваа година целосно исчезнало поради високите температури, зголеменото испарување и недоволниот дожд.
Video: Turkey’s second largest lake, Lake Tuz, dries up amid drought and farm use in country https://t.co/1gMR6Z8MAZ
— leila rezazad (@gilass) October 28, 2021
Уште неколку езера низ Турција исто така пресушија или количината на вода во нив е намалена на алармантно ниво. Експертите за климатски промени предупредуваат дека целиот медитерански басен, кој ја опфаќа Турција, е особено изложен на ризик од големи суши и опустинување.
На најголемото езеро во земјата, Ван, минатата недела рибарските чамци не можеа да се приближат до пристаништата поради невообичаено нискиот водостој, објави телевизијата Хабер Турк.
„Температурите растат, а врнежите се намалуваат, а од друга страна, потребна е вода за наводнување во земјоделството. Тешка е ситуацијата во цела Турција“ рекол Левент Курназ од Универзитетскиот центар за климатски промени Богазиќи.