Huawei nova 9 е освежување на пазарот на смартфони – поседува неколку адути карактеристични за премиум уредите, посебно ако се земе во предвид дека во комплет со слушалките FreeBuds 4 се продава по цена од 29.990 денари

Текст и фото: Никола Бурагев

Huawei пред една недела во Виена одржа спектакуларна премиера на својот нов смартфон Nova 9, што беше прв настан во живо одржан по почетокот на пандемијата. Ова „пробивање на мразот“,кинескиот гигант го одбележа со претставување на Huawei nova 9 на европскиот пазар, како и објава на новиот паметен часовник Huawei Watch GT 3 и безжичните слушалки Huawei FreeBuds Lipstick.

Huawei nova 9 е своевиведен претставник на новата пазарна категорија „премиум средна класа“, исклучително популарна во последно време. Се работи на еден вид одговор на кризата на синџирите на снабдување, која посебно го погоди пазарот на смартфони, а кои ги красат функциите на флегшип моделите, со таа разлика што не се опремени баш со најмодерен или најмоќен чипсет.

Nova 9 моделот има дури неколку адути својствени за премиум смартфоните, посебно ако се земе во предвид дека цената е доста разумна – во Македонија се продава за 29.990 денари. Пред се, станува збор за вонсериски дизајн и финиш, на кој Huawei одамна не навикна, за сет натпросечно квалитетни камери, како и за исклучително издржлива батерија, исто така, карактеристично за смартфоните на кинеската компанија.







Пријатно изненадување е и фантастичниот OLED екран со освежување од 120Hz, па навистина треба да се истакне дека се од наведеното е на ниво на полнокрвен флегшип уред. Во тоа навистина се уверивме и при тестирањето на Huawei nova 9.

Телефонот го покренува Qualcomm Snapdragon 778G, што е 6-нанометарски чипсет со 4G радио, карактеристичен за mid-range уредите. Од друга страна, уредот е опремен со 8 GB RAM и 128 GB простор за складирање во основната верзија, што пак ветува дека перформансите не се занемарливи.

Оперативниот систем e новата Harmony OS 2.0 платформа на компанијата, кој пристигнува со Huawei Mobile Services (HMS), а не со услугите на Google. Huawei Mobile Services и Huawei AppGallery во меѓувреме многу напредуваа, и кај нас го нудат речиси истото софтверско искуство при користењето на уредите, како и кај смартфоните со Google услуги. За среќа, ни сервисите на Google не е тешко „рачно’ да се додадат, а единствено не е можно да се покренат Google Pay и Android Auto. Сето останато – работи.

Самиот телефон Huawei nova 9 е освежување на пазарот на смартфони. Кога се работи за елеганцијата и финишот, се работи за еден од моментно најубавите и според дизајнот најмодерни паметни телефони на пазарот. Стаклото однапред и одзади и пластичната „шасија“ делуваат робусно и уверливо, со многу тенкиот „струк“ од само 7,7 милиметри и допадливо решените задните камери.

Однапред се наоѓа punch-hole oтвор за натпросечно моќната селфи камера, која е широкоаголна и се одликува со резолуција од 32 мегапиксели. Читачот на отпечатоци од прсти е вграден под екранот. Уредот нема сертификат за водоотпорност, што е една од карактеристиките што го прави уред од средната класа.

Екранот има резолуција од 1080 x 2340 пиксели и заоблени рабови, со тоа што рамки има само на горната и долната страна од дисплејот. Ова значи дека во прилично компактни димензии, уредот донесува дијагонала на екранот од раскошни 6.57-инчи. Дисплејот поддржува освежување од 120Hz, а тоа е карактеристика што обично ја нудат само флегшип моделите. Huawei подарува и една година гаранција од кршење на стаклото, што не го нуди ниту еден производител во моментов.

Задните камери се многу моќни. Главната има 50 мегапиксели и го поддржува добро познатиот „night mode” на Huawei, а тука се и 8-мегапикселната широкоаголна камера, 2-мегапикселната макро камера и длабочинската камера од 2 мегапиксела. Уште со моделот P30 Pro, Huawei постави тешко достижни стандарди по прашањето на квалитетот на камерите, а овој сет е отприлика на нивото токму на овој модел. Она што недостасува е оптичката стабилизација на сликата (OIS), иако присутен е AIS.

Батеријата е исто така битен адут, а капацитетот изнесува 4.300 mAh.  Она за што Huawei секако заслужува пофалба е тоа што во кутијата испорачува и полнач со 66W, кој е во можност да ја обнови батеријата до 100 проценти за само 38 минути. Со некои конкурентски смартфони, денес воопшто нема да добиете никаков полнач во кутијата.

Секој што ќе го нарача Huawei nova 9 во периодот од 21.10 до 31.10.2021, ќе го добие во комплет со безжичните слушалки Huawei FreeBuds 4, по препорачана крајна цена од 29.999 денари. Бојата на Huawei nova 9 е според достапноста на одредените места за продажба – Black или Starry Blue, а Huawei FreeBuds 4 се во Silver Frost верзија.

Во наведениот период, комплетот може да се нарача во партнерската мрежа на Huawei, која ги вклучува – Македонски Телеком, А1 Македонија, Нептун, Анхоч, Техномаркет и Сетек.

ТЕХНИЧКИ СПЕЦИФИКАЦИИ

Процесор и графика Qualcomm SM7325 Snapdragon 778G 4G (6 nm), Octa-core (4×2.4 GHz Kryo 670 & 4×1.8 GHz Kryo 670) / Adreno 642L
Екран: 6.57-инчи OLED, 1080×2340 пиксели, 19.5:9 (392 ppi), 120Hz, HDR10
RAM и меморија: 8 GB RAM; 128/256 GB интерна меморија
Задни камери: 50 MP, f/1.9, 23mm (wide), PDAF
8 MP, f/2.2, (ultrawide)
2 MP, f/2.4, (depth)
2 MP, f/2.4, (macro)
Предна камера: 32 MP, f/2.0, (wide)
Поврзливост: 4G; Wi-Fi 802.11 a/b/g/n/a/6, dual-band, Wi-Fi Direct, hotspot; Bluetooth 5.2; A2DP, LE; A-GPS,
Батерија: Li-Po 4300 mAh
Полнење: 66W брзо полнење, реверзибилно полнење
Биометриска безбедност: Сензор за отпечатоци од прсти под екранот
Оперативен систем: HarmonyOS 2.0 / EMUI 12
Димензии и Тежина: 160 x 73.7 x 7.7 мм / 175 гр.
Препорачана цена 29.999 денари (во комплет со Huawei FreeBuds 4)