Фолк-пејачот Јордан Митев го промовира спотот за песната „Да се живи здрави младоженеците“, која ја сними во 2019 година. Вели, поради турнеите и пандемијата, морал да направи пауза, па дури сега го сними видеото.
„Планот да снимам и промовирам видео за оваа песна постоеше уште пред две години, но беше одложен поради турнеи, гостувања, потоа почна пандемија. Поради овие, но и други причини морав да паузирам со работата. Сега некако дојде вистинското време и се наместија коцките“, вели Јордан, кој е комплетен автор на песната.
Во спотот учествуваат игроорци од ансамблот „Гоце Делчев“ од Битола со нивниот кореограф Бранко Жежовски-Жежо, еден од најнаградуваните кореографи во Македонија. Спотот е снимен на неколку локации низ Македонија и ги покажува убавините на земјата.
„Во проектот се вклучени и дел од музичарите кои што ме придружуваат на моите настапи. Ние Македонците сме народ со сопствена традиција, култура, фолклор, и сметам дека обврска, но и чест на секој македонски артист е тоа да го негува, претставува и надградува на најдобар можен начин“, додава Митев.
Видеото го работеше долгогодишниот соработник на Јордан, Зати од Охрид, со кој има снимено неколку проекти.