„Торонто експрес“ е вистинска приказна, затоа и ќе биде хит: Ѕоф, Микиќ и Јордан ја најавија новата урнебесна комедија

„Торонто експрес“ е вистинска приказна, затоа и ќе биде хит: Ѕоф, Микиќ и Јордан ја најавија новата урнебесна комедија

пред 2 години

Со кратка сцена која ја играше актерот Александар Микиќ, денес во МНТ беше најавена премиерата на „Торонто експрес“. Урнебесна комедија чија премиера е на 15 декември. Претставата е работена по збирката есеи „Тибам штркот“ на авторот Зоран Спасов Ѕоф.

На дружбата со новинарите, денес Александар Микиќ одигра една сцена како вовед, па ги повика љубителите на театарот да дојдат и да ја погледнат „Торонто експрес“. Микиќ го глуми главниот лик, Божо Вампир. Режисер на комедијата е актерот Јордан Симонов.

Авторот Зоран Спасов Ѕоф не го криеше воодушевувањето што претставата е готова и што наскоро ќе се одржи премиерата.

„Работевме напорно на претставата и уште не ми се верува дека дојдовме до премиерата. Но ова немаше да биде возможно без тројцата луѓе што ме поддржуваа од првиот момент, Јордан, Александар и Благоја Бошковски, кој работеше на адаптацијата на сценариото. Целата приказна што ќе ја видите во ‘Торонто експрес’ е вистинска и ми се случила на мене или на луѓе што ги познавам“, рече авторот Зоран Спасов Ѕоф.

Освен премиерата на претставата, тој ја најави и промоцијата на книгата „Тибам штркот- апдејт“ што ќе се одржи вечерва во книжарницата на „Литература“ во Ист Гејт од 20 часот.

„Книгата не е иста со претставата. Некои делови од оваа книга се вметнати во ‘Торонто експрес’, а во претставата има работи што ги нема во ниедна од книгите. Идејата е да може секој да ја прочита книгата и да ја гледа претставата“.

Со секоја купена книга следат билети за театарската претстава.

„Торонто експрес“ ја раскажува реалноста за иселениците, дава одговор на прашањето зошто луѓето бегаат од Македонија, а сето тоа преку ликот на Божо Вампир, иселеник кој по долги години од Канада доаѓа во Македонија. Тој треба да му заврши работа на зетот и неговата агенција за иселеници, иако нема ни грам искуство. Комичните ситуации во кои се наоѓа Божо Вампир, на сцената ги пренесува актерот Александар Микиќ.

„Книгата ‘Тибам штркот’ ја читав многу одамна, мислам дека во тоа време авторот уште беше во Канада. Кога дојде во Скопје, се видовме и јас му кажав дека ова сакам да го поставам на сцена. Се фокусираме на проблемот зошто луѓето си одат од Македонија, што ги тера да побегнат од тука. И мислам дека со приказната за Канада станува комплетно јасно зашто луѓето ни бегаат“, рече главниот глумец.

Слична приказна раскажа и режисерот Јордан Симонов, кој откри дека на прво читање знаел дека од книгата мора да се направи претстава за која верува дека ќе биде хит.

„Со Микиќ се дружиме 35 години. Ми даде да ја прочитам ‘Тибам штркот’ ми ја раскажа неговата визија за книгата и знаев дека од ова може да се направи одлична претстава што ќе се игра долги години на сцената на МНТ“, вели режисерот Симонов.

Претпремиерата на „Торонто експрес“ е закажана за 14 декември, а следните изведби се на 16 и 20 декември. Претставата трае 75 минути.

Редакција „Репортер“

 

Share
Scroll to Top